Вонредна состојба во Пирот - затворени се училиштата и градинките

Србија, Пирот--Состојбата на автопатот, по евакуација на патници поради несреќа со истекување на амонијак, 26.12.2022

Вонредната ситуација прогласена во Пирот, на југоистокот на Србија, откако товарен воз со амонијак излета од шините останува на сила.

Повеќе од 50 лица се хоспитализирани поради симптоми на труење, а едно лице починало откако било примено во болницата Пирот, но не е потврдено дека причината за смртта е труење, јави јавниот сервис на Србија (РТС).

Од полицијата за РТС потврдиле дека во утринските часови на 26 декември во близина на местото каде што се преврте цистерната со амонијак е пронајдено тело на маж. Екипи на судска полиција се на лице место, а причината за смртта ќе ја утврди обдукцијата.

Во Пирот, град со повеќе од 50 илјади жители, затворени се училишта, градинки и јавни институции. Министерот за градежништво и инфраструктура, Горан Весиќ за РТС изјави дека нема причина за паника, но дека „има простор за претпазливост“, бидејќи се уште не се санирани сите последици од несреќата.

Возот кој излетал од шините во Србија бил натоварен во Бугарија

На граѓаните им e препорачано да не ги напуштаат своите домови доколку не е апсолутно неопходно и да користат маски доколку тоа го прават.

Републичкиот штаб за вонредни состојби соопшти дека мерењата извршени на 26 декември на повеќе локации во Пирот покажале дека во воздухот нема амонијак, како и дека изворот на водата кај Ниш не е контаминирана.

Во меѓувреме Министерството за градежништво формираше две комисии за утврдување на сите факти поврзани со несреќата.