Струјата од Нова година може да поскапи за 8-9 проценти

Структура на цена на електрична енергија

Ако се прифатат сите барања на енергетските компании, струјата за граѓаните од Нова година ќе поскапи за 8-9 проценти.

Најголем дел од поскапувањето е поради зголемувањето на данокот на додадена вредност за струјата од 5 на 10 проценти, и уште 3,5 до 4 проценти зголемување на цената на струјата.

Државниот производител ЕСМ за првата половина од наредната година понуди струја по 56 евра за мегаватчас, наместо досегашните 48 евра. Оваа цена не зависи од Регулаторната комисија за енергетика, туку ја одредуваат ЕСМ и Владата.

Преносниот оператор МЕПСО побарал поскапување на нивните услуги за скоро 30 проценти, а дистрибутерот ЕВН Електродистрибуција поевтинување за 2,8 проценти.

Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, околу 46 отсто од цената на струјата отпаѓа на цената за набавка од ЕСМ, која е веќе утврдена. Скоро 10 проценти, утврдени на тендер за 5 години, одат за снабдувачот ЕВН Хоме.

МЕПСО добива помалку од 5 отсто од сметката, а Електродистрибуција над 35 проценти. Регулаторната комисија за енергетика има влијание само врз овие суми.

Крајната сметка на граѓаните не зависи многу од цената на МЕПСО, затоа што тие добиваат најмал дел од колачот.

Од 1 јануари данокот на додадена вредност за струјата се зголемува од 5 на 10 проценти.

Понуди на МЕПСО за пренос за електрична енергија. Компанијата бара за 29,75 повисока цена за својата услуга. Понуда на Електродистрибуција која бара за 2,8 отсто пониска цена за својата усуга.

За да го ублажи ценовниот удар од поскапувањето на струјата, владата уште на средината на 2021 година го намали ДДВ од 18 на 5 отсто. Од 1 јули годинава требаше да се покачи на 10 отсто, но владата го продолжи важењето до Нова година. Планот е во текот на наредната година ДДВ да се врати на претходната стапка од 18 проценти.

„Уште од сега можам најодговорно да потврдам дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален, на тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и на сите компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија“, рече на прес-конференција претседателот на Регулаторна комисија за енергетика(РКЕ), Марко Бислимоски.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) деновиве треба да соопштат дали ќе поскапе струјата и колкаво ќе биде поскапувањето.

Претседателот на РКЕ информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.

На почетокот на 2021 година струјата поскапе за 10 отсто, а летоска уште еднаш за во просек 7,4 отсто. Од 1 август беа воведени таканаречени блок тарифи за скапа струја, па така тие што трошат повеќе плаќаат поскапа струја. Евтината струја има иста цена независно од потрошувачката.

Беа воведени 4 блока – најевтино се плаќаат првите 210 киловатчаса скапа струја, малку поскапо потрошувачката меѓу 210 и 630 киловачаса, уште поскапо од 630 до 1050 киловатчаса месечно, а секој киловатчас над оваа граница потрошен во скапа тарифа е значително поскап.