Поранешниот руски вицепремиер е ранет во украинскиот напад на Доњецк

Дмитриј Рогозин

Дмитриј Рогозин, поранешниот потпретседател на руската влада и поранешен шеф на државната вселенска агенција Роскосмос, е ранет во украинскиот напад на Донецк и треба да биде опериран.

Веста ја соопшти самиот тој на мрежата Телеграм и објави дека се здобил со повреда на грбот од шрапнел заглавен на горниот дел од рамото.

Рогозин беше сменет од функцијата шеф на Роскосмос во јули, а моментално раководи со група воени советници кои им помагаат на сепаратистичките сили во Украина. Инцидентот се случил на 21 декември во хотел во Доњецк каде престојувал Рогозин и неколку локални функционери.

Видете и ова: Лошата комуникација - една од причините за застојот на руската инвазија во Украина

Украинскиот напад во кој неколку лица загинаа и беа ранети е изведен со муниција со висока прецизност, а проектилот најверојатно бил истрелан од камион опремен со францускиот артилериски систем Цезар, соопшти Рускиот истражен комитет.

Рогозин вели дека инцидентот се случил додека бил на „работен состанок“ во ресторанот на хотелот, а рускиот јавен радиодифузен сервис „Русија 24“ јави дека поранешниот шеф на Роскосмос таму го прославувал својот 59-ти роденден, со гости и музичари. Вели дека во последните месеци редовно престојува во тој хотел кога оди во Доњецк, како дел од руската офанзива во Украина. Доњецк важи за упориште на проруските сепаратисти во источна Украина.