Собир на ултрадесничари од Србија на граничниот премин Јариње

СРБИЈА: Приврзаници на десницата од Србија протестираат блиску до косовско-српската граница.

Група ултрадесничари од Србија денеска се собраа пред 13 часот на граничниот премин Јариње.

Собирот доаѓа на покана на ултрадесничарската неформална група „Народна патрола“ предводена од Дамјан Кнежевиќ.

Група од неколку десетици луѓе собрана пред граничниот премин, била спречена од српската полиција.

Насобраните пред полицискиот кордон пуштаат националистички песни за Косово и Србија и извикуваат слогани, меѓу кои и „Косово е срцето на Србија“.

Видете и ова: Тензиите растат - Белград бара враќање на српските војници на Косово, Приштина влез во ЕУ

Од другата страна на граничниот премин, во Косово, присутни се припадници на КФОР.

На повикот се одзваа и други ултрадесничарски организации и партии. Пристигнувањето го најави движењето Двери, а на средбата присуствува и Немања Шаровиќ од Српската радикална партија.

Собирот на ултрадесничари од Србија беше организиран под слоганот „Збор на Јариња“.

Со слоганот „Никогаш граница, Космет е Србија“, „Народната патрола“ преку социјалните мрежи на собирот ги покани, како што истакнаа, „српските патриоти“ од Црна Гора и ентитетот на БиХ, Република Српска.

Видете и ова: КФОР ќе го разгледа барањето за распоредување српски сили во северно Косово

Собирот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Србија и Косово, кои кулминираа на 10 декември 2022 година, откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата.

„Народната патрола“ е позната по своите антиимигрантски акции, величење на српските воени злосторници и поддршка на Русија во инвазијата на Украина.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика потсетува дека „Народната патрола“ била меѓу првите што „излегла и ја поздравила руската инвазија на Украина“.