На барање на омбудсманот, повлечени списоците со корисници на државна помош

Илустративна фотографија

Повлечени се објавените списоци на сајтот на Министерството за труд и социјална политика, од граѓаните што добија финансиска помош од државата, по барање на Народниот правобранител доставено до Агенцијата за заштита на лични податоци.

Се работи за корисници на посебен додаток за секое дете посебно, на право на социјална сигурност на стари лица, на правото на надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост без потреба од контролен преглед, како и на самохрани родители кои се евидентирани како корисници на гарантирана минимална помош.

Видете и ова: Корисниците на државна помош на увид на јавноста - легално, ама етички дискутабилно

Агенцијата за заштита на личните податоци денеска го информирала Народниот правобранител дека Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза не е доставен на претходно мислење до Агенцијата и истиот не ги содржи потребните елементи и правила предвидени со прописите за заштита на личните податоци.

„Од страна на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата, беше телефонски контактирана веднаш штом ја примиле наредбата и им се објасни дека контролорите (Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија) извршиле обработка на лични податоци за исполнување на законска обврска, но сепак по исполнување на целта мораат истите да се избришат“, се нагласува во дописот од Агенцијата за заштита на лични податоци.

Имајќи предвид дека Министерството за труд и социјална политика во конкретниот случај е и предлагач на Законот, од Агенцијата за заштита на лични податоци велат дека им укажале на потребата да се направат соодветни измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза со цел усогласување со прописите за заштита на личните податоци.

Министерството претходно соопшти дека не го повредиле правото на заштита на личните податоци. Списоците ги содржеа имињата и презимињата на сите корисници и нивните адреси на живеење, како и основот врз кој примаат парична помош од државата. За ова реагираа и голем број на родители, а до Народниот правобранотел претставка има подесено Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.