Пренџов- Седницата за Онишченко и АНБ не е завршена

Собраниска комисија на која се сослушување директорот на АНБ Виктор Димовски за случајот со државајанството на контроверсниот Украинец Онишченко , архивска фотографија

Собраниската Комисија за надзор на работата на разузнавачите служби денеска беше прекината поради немање услови за работа. Претседателот на комисијата Љупчо Пренџов денеска изјави дека бил принуден да го прекине продолжението на седницата за отчетот на АНБ околу нејзината улога во доделувањето на македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, затоа што не се појавил ниту еден претставник на АНБ за да продолжи со реферирањето за случајот „Онишченко“.

Тој, сепак, рече дека со ова седницата не се завршена и дека за кратко време тој повторно ќе ја закаже со цел „мистеријата Онишченко конечно да добие епилог“.

„Неодговорно е однесувањето никој да не се појави на оваа седница, имајќи предвид дека граѓаните се тие кои плаќаат и за плати и за вработени и за логистика на сите јавни функционери вклучувајќи ги и вработените во АНБ“, изјави Пренџов.

Агенцијата за национална безбедност е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство.

Собраниската Комисија за оваа тема првично отвори дебата на 18 ноември, но седницата остана незавршена поради безбедносен пропуст кога дел од отчетот на сега веќе поранешниот директор Димовски беше објавен со аудио на јутјуб каналот на Собранието.

Во врска со инцидентот, Министерството спроведе истрага и извештајот од наодите го достави до Собранието и Основното јавно обвинителство Скопје.

Во меѓувреме Владата ја поништи одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександр Онишченко, чие име е на црната листа на САД, но одговорните се уште не се казнети.