ФИФА ја казни српската репрезентација со 20 илјади франци

Селекторот на Србија Драган Стојковиќ на прес-конференцијата во Катар

Фудбалскиот сојуз на Србија е казнет со 20.000 швајцарски франци (20.235 евра) поради знамето што беше истакнато во нивната соблекувална пред натпреварот против Бразил на Светското првенство на 24 ноември.

Според соопштението Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА), бил прекршен членот 11 од Дисциплинскиот кодекс на ФИФА и членот 4 од Правилникот на Светското првенство на ФИФА.

На 26 ноември ФИФА покрена постапка против Србија по наводите дека во соблекувалната на Србија по мечот со Бразил било истакнато знаме на кое Косово е дел од Србија.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград не ја признава независноста на својата поранешна покраина.

На 5 декември, по втор пат за време на Светското првенство, ФИФА покрена дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија. Новата процедура се однесува на тоа дали Фудбалскиот сојуз на Србија СС прекршил три члена од кодексот на натпреварот Србија-Швајцарија одигран на 2 декември, а кои се однесуваат на несоодветно однесување на играчите и официјалните лица, дискриминација и ред и безбедност на натпреварите, се вели во соопштението на ФИФА.

Видете и ова: Знамето со Косово како дел од Србија „го префрли акцентот“ од фудбалот

ФИФА допрва треба да одлучува за втората жалба.

Двете жалби на ФИФА против Србија беа поднесени од Фудбалскиот сојуз на Косово, оценувајќи дека станува збор за националистички инциденти.

Покрај Србија, казнета е и Хрватска за навреда на Милан Борјан, голманот на Канада на натпреварот меѓу Хрватска и Канада. Тие ќе треба да платат 50.000 франци за „користење зборови и предмети за да се пренесе порака што не е соодветна за спортски настан“.

Покрај нив и Саудиска Арабија беше казнета за голем број жолти картони на мечевите со Аргентина и Мексико и ќе плати 15.000 франци.