Разрешените функционери може да останат без апанажа

Седница на Уставен суд

Уставниот суд е на чекор да го укине правото на функционерите кои сами си даваат оставка или се разрешени од функциите да користат апанажа. Судот денеска поведе постапка за членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица кој им го овозможува ова право. Ова право им овозможува на функционерите откако ќе си дадат оставка или бидат разрешени да поднесат барање и да си ја земаат платата и до година дена, а не се веќе на функција.

„Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.“

Видете и ова: Укинувањето на пржинската влада и на апанажата не поминаа во Собранието

Ваков случај имаше пред четири години кога апанажа побараа членовите на ДИК кои во 2017-та година сами си поднесоа оставки под притисок на јавноста и тогашниот американскиот амбасадор Џес Бејли кој јавно ги искритикува дека си изгласале бонуси за локалните избори во висина од четири дополнителни плати.