Блокадите продолжуваат, Град Скопје со нов јавен повик за приватни превозници

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје

Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна и засега блокадите ќе останат, изјави за МИА директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

„Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, засега блокадите остануваат“, изјави Јовановски.

Видете и ова: Заглавени ученици, пациенти, бизниси - Скопје парализирано

Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ од вчера наутро повторно протестираат со блокади на три од клучните сообраќајни точки во Скопје, односно на крстосницата пред ТЦ „Мавровка“ и пред Црвен Крст, како и на бул. „Илинден“ во околината на Градот Скопје.

Градот Скопје соопшти дека утре ќе објави јавен повик за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22. Единствена разлика, како што информираат од Градот Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Возилата на брза помош во сообраќаен клинч

„ Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници“, се вели во соопштението на Градот.

Оттаму потенцираат дека јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи, и, како што се вели во соопштението, во случајот, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје.

Приватните превозници два дена со автобуси блокираат три клучни крстосници во Скопје со што го парализираа целиот сообраќај во центарот на главниот град.

Видете и ова: Скопје под блокади – скопјани заложници на партискиот сеир