Уругвај под истрага на ФИФА

Светското првенство во Катар 2022 година - Гана против Уругвај, 2 декември 2022 година

Дисциплинската комисија на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА најави отворање истрага против Уругвајскиот фудбалски сојуз и неколку играчи на уругвајската репрезентација.

Како што соопшти ФИФА, постапката е покрената по инцидентите на мечот со Гана на Светското првенство во Катар што е во тек.

Се наведува дека истрагата ќе се фокусира на можно навредливо однесување и кршење на принципите на фер-плеј, несоодветно однесување на играчите и официјалните лица и дискриминација од страна на уругвајската федерација.

Видете и ова: Калински - Жалам што МТВ не испрати коментатор на Светското во Катар

Уругвајските фудбалери Хозе Хименез, Едисон Кавани, Фернандо Муслера и Диего Годин се предмет на одделни постапки за потенцијални прекршувања на прописите на ФИФА. Тие на натпреварот на 2 декември, во последниот натпревар од групната фаза, го навредуваа судијата Даниел Зајберт од Германија, откако тој означи крај на играта.

Уругвајските играчи го опколија судијата и го навредуваа, додека Кавани при напуштањето на теренот удри и го собори екранот што судијата го користи за ВАР проверка (видео асистенција). Некои медиуми објавија дека еден од играчите на уругвајскиот тим во толпата со лакт удрил службеник на ФИФА по лице, кој по натпреварот бил на теренот во цивилна облека.

Во 57. минута од натпреварот, судијата го консултираше ВАР-от, видео снимка од спорната ситуација, поради потенцијален фаул над уругвајскиот играч, но не досуди пенал.

Во третото коло на Мундијалот Уругвај ја победи Гана со 2:0, но заврши на третото место во групата и испадна од Мундијалот.