Повторно нема струја во Херсон поради руското гранатирање

Руските сили денеска го продолжија гранатирањето на јужниот украински град Херсон, прекинувајќи го снабдувањето со струја на неодамна ослободениот украински град. Жестоките борби продолжуваат и на истокот на земјата, а властите предупредија дека Украина се соочува со тешка зима поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура.

Херсон се врати под украинска контрола на 11 ноември, кога руската војска се повлече на левиот брег на реката Дњепар и редовно го напаѓа градот со артилерија и ракети. Тројца луѓе загинале во денешните гранатирања, соопштија властите.

Видете и ова: Украина со напори за целосно враќање на струјата, критики од Зеленски кон Кличко


Милиони Украинци се без струја и греење од почетокот на зимата, по бранот руски напади врз целата земја. Рускиот претседател Владимир Путин вчера рече дека понатамошни напади врз украинската инфраструктура се „неизбежни“.

Украинските власти одговорија со пркос, ветувајќи дека ќе направат сè за да ја ограничат штетата.

Во земјата има проблеми и со производството на струја, и со преносот и дистрибуцијата.

Сега се воведуваат рестрикции во Киев, по 4 часа има струја, па 4 часа нема.