Стефани Фрапар влегува во историјата на мундијалите

Французинката Стефани Фрапар

Французинката Стефани Фрапар ќе стане првата жена која ќе суди на натпревар на Светско првенство за мажи, а ќе ја има функцијата главен судија на натпреварот меѓу Костарика и Германија на 1 декември.

Фрапар е една од трите жени кои беа избрани меѓу 36-те судии на овогодинешното Светско првенство во Катар, а шанса за судење би можеле да добијат и Салим Мукансанг од Руанда и Јошими Јамашита од Јапонија.

Фрапар беше првата жена што судеше во француската Лига 1 во 2019 година, истата година кога го водеше финалето на Светското првенство за жени во нејзината земја.

Видете и ова: Шефот на ФИФА го обвини Западот за лицемерие

Таа го судеше и Суперкупот на Европа во 2019 година помеѓу Ливерпул и Челзи, а пред две години стана првата жена која судеше во Лигата на шампионите, а потоа и на финалето на Купот на Франција оваа година.

Германскиот селектор Ханси Флик истакна дека има 100 отсто верба во Фрапар и додаде дека верува оти таа со претходните настапи заслужила пласман на Светското првенство.

Со нетрпение го очекувам овој натпревар и се надевам дека и таа е среќна“, изјави Флик.