Џафери: Измени на Деловникот ќе овозможат фокус на суштинските прашања

Талат Џафери, претседател на Собранието.

Измени на Деловникот за работата на Собранието се важни и тие ќе овозможат пратениците да фокусираат на суштинските прашања, без при тоа да бидат забавени од сите процедурални пречки кои се вистински предизвик за работата на Собранието, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на Конференцијата на Европскиот парламент.

На Конференцијата во ЕП на тема „Креирање на парламентарна демократска култура преку дијалог и градење консензус“. Џафери зборуваше за дијалогот на парламентарните групи во рамки на Жан Моне процесот.

Џафери за Жан Моне процесот потенцира дека тоа е долгорочен процес кој може да трае и неколку години и дека се состои од неколку рунди на дијалог.

„Ако сакаме да имаме култура на дијалог меѓу политичките партии застапени во Собранието, ние мора да работиме заедно. Но, да нема недоразбирање – тоа не значи дека бараме униформност. Ние сите сме членови на различни политички партии, со различни политички програми за кои сме добиле доверба од граѓаните и согласно тие програми даваме приоритет и на различни цели“, вели Џафери.

Видете и ова: Измена на Деловникот за деблокада на Собранието

Процесот на Дијалогот Жан Моне со Собранието беше воспоставен во мај 2018 година во Охрид, а досега се одржани три состаноци во мај 2018 година, во јуни 2019 година и во јануари и февруари 2020 година.

Џафери вели дека меѓу конкретните резултати е усвојувањето на Етичкиот кодекс, формирањето на Работната група за Деловникот која работела напорно за да постигне компромис околу голем дел од реформските приоритети и со тоа се обезбедила добра подготовка за понатамошната работа на Деловникот.

Исто така претседателот на Собранието Џафери вели дека е постигната поширока институционална независност и реформа на Собранието, особено кога станува збор за независноста на буџетот и човечките ресурси, а дека продолжува работата во насока на независно обезбедување и постигнување на конечен консензус за измените на Деловникот.