На УКИМ има сексуално вознемирување, студентите не знаат кај да се пожалат

Илустрација

Еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед, по што се чувствувале непријатно и сексуализирано. Дури 88,5 проценти од студентите не знаат каде можат да пријават сексуално вознемирување што се случило на УКИМ.

Ова го покажува истражувањето „Перцепцијата и искуството на студент(к)ите при УКИМ со сексуално вознемирување“, спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението Младински мировен хаб и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

Видете и ова: Новата студентска правобранителка на УКИМ - „Загубено е само она од што ќе се откажеме сами“

„Имавме и неколку судски одлуки каде што беа најдени наоди за тоа дека одредени професори користеле форми на сексуално вознемирување како уцена на студентките, па затоа, ова истражување имаше за цел да ја пробие таа стигма“, рече Теодора Милеска, која била дел од истражувачкиот тим.

Истражувањето покажува дека дури 47,8 отсто од студентите одговориле дека биле во ситуација во која биле кажувани сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на колега или колешка.

Само 4,6 отсто од студентите одговориле дека пријавиле или знаат некој кој пријавил сексуално вознемирување, а приближно секој петти студент (18,4 отсто) не пријавил сексуално вознемирување, бидејќи не знаел каде може да пријави.

Видете и ова: На УКИМ квалитетот опаѓа, корупцијата стабилна

Во однос на постапувањето од страна на институцијата во случајот на сексуално вознемирување, само во еден случај испитаникот искажал позитивна разврска на суд.

Повеќе од половина или 51,8 отсто од студентите одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.