Приватните превозници утре ќе ја блокираат крстосницата кај „Мавровка“

Илустративна фотографија

Приватните превозници кои се дел од јавниот автобуски превоз во Скопје утре ќе протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај Мавровка, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

Според најавите на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, блокирањето ќе биде со повеќе од 30 автобуси и над 300 лица.

Видете и ова: Скопјани во „менгеме“ меѓу Арсовска и партиите

„Не е исклучена можноста и не е потврдена информацијата дека на тој ден во утринските часови според можеби поедини превозници да ги блокиранаат излезите односно влезовите на ЈСП-Скопје. Исто така времетраењето на протестот не е утврдено и се планира да трае до исполнување на барањата кои ако брзо не се решат во наредните денови ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје“, посочуваат од „Слобода превоз“.

Приватните превозници бараат исплаќање на долгот од околу 1 милион евра што им го должи Градот, односно ЈСП-Скопје.

Видете и ова: ЈСП раскина договор со приватен превозник кој претходно бараше исплата на долговите

Минатиот месец проблем имаше и со платите на вработените во ЈСП-Скопје, па и тие еден ден не возеа бидејќи имаа колективен штрајк.

Исто така поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП, престанаа да сообраќаат и автобусите на вториот приватен превозник „Мак експрес“, па овие линии во меѓувреме беа заменети со автобусите на ЈСП. Сето ова доведе до гужви, нередовни автобуси и многу нервози кај скопјани.