Османи планира средба со иницијаторите на бугарските клубови

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека е отворен за разговори со бугарската заедница, како и дека планира ваков дијалог и со иницијаторите на клубовите за да види која е нивната цел. Во интервјуто за бугарска „Нова“, тој додаде дека во наш интерес е бугарската заедница да биде интегрирана и во одлични односи со сите други заедници во државата.

„Ако е целта бугарската заедница да има свои организации и клубови за да се претставува, ако е идејата да се етаблира подобро буагрската заедница, или пак да се интегрира бугарската заедница во системот да се спречат евентуални дискриминаторски политики кон бугарската заедница, ајде да видиме кои се најдобрите начини тоа да се направи. Не мислам дека преку разгневување на јавноста ќе се постигне тоа“, рече Османи.

Видете и ова: Пред бугарскиот центар во Скопје врие полиција, внатре класична музика и изложба

За оштетувањето на културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид рече дека се провокации кои се обидуваат да ги влошат односите и нагласи дека МНР беше едно од првите кое реагираше и ги осуди тие настани.

Министерот вели дека како Влада имале резерви по однос на името кое го има избрано тој клуб, бидејќи смета дека тоа е провокација за нашите односи.

„Така се перцепира улогата на овие историски личности во нашата држава. Но, независно кое е името и ставовите, никој во оваа држава не смее да биде предмет на напади, посебно не на насилни. Ние имаме нула толеранција кон напади особено кон помалите заедници, рече Османи кој посочи дека сега има ново законско решение и може да се разговараме со иницијаторите на тие клубови.

На почетокот на овој месец, македонското Собраниедонесе измени на Законот за здруженија и фондации според кој се забранува именување по спорни историски личности. Според законот, и клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ имаат три месеци да ги променат имињата. Официјална Софија изрази стравување дека тоа може да го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија, бидејќи има „еднострано толкување на историските факти“.