Средбата на историската македонско - бугарска комисија без конкретен резултат

Македонско - бугарска комисија за историја

Учебниците беа главна тема на денешните разговори на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Дискусијата поминала во позитивна атмосфера, изјави Драги Ѓорѓиев, копретседател во Комисијата по денешната средба во Скопје која продолжува и утре.

„Сè уште нема никаков конкретен резултат, заклучок, конкретно усвоена препорака. Дискусиите продолжуваат утре на иста тема во 9 часот и 30 минути, изјави Ѓоргиев за ТВ Сител.

Во однос на донесените решенија, Ѓоргиев информираше дека денеска не е донесена никаква одлука.

Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.

Видете и ова: Политичката ситуација во Бугарија ја забавува работата на историската Комисија

Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

На претходните средби на комисијата годинава македонските и бугарските историчари се фокусираат врз 10-иот и 11-иот век. Тогаше Мешовитата комисија усвои и објави препораки кои се однесуваат на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија. Според нив во овие учебници треба да се менуваат лекциите за античкиот период, а беа усвоени и текстови врз кои заеднички ќе се слават Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.

По ова следуваа реакции од македонските интелектуалци кои меѓу другото сметаа дека во учебниците ќе се шири софиската верзија на историјата, што подоцна беше демантирано од македонските историчари во комисијата.