Тренчевска: Ако треба ќе се зголеми опфатот на граѓани кои ќе добијат помош од државата

Македонија - Министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска

Не е исклучена можноста да се прошири опфатот на граѓани кои ќе добијат финансиска помош од антикризните мерки на Владата, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Сега со мерките се опфатени самохраните родители, примателите на гарантирана помош, децата со попреченост и лицата со попреченост над 26 години, пензионерите со минимална пензија, примателите на туѓа нега и лицата со надомест за телесно оштетување. Тие се детектирани како најранливи категории.

Почнувајќи од следниот месец ќе добијат финансиска поддршка, како дел од новиот пакет антикризни мерки.

„Самохраните родители, приматели на гарантирана помош, лица со попреченост, над 26 години и деца со попреченост, лица кои имаат надоместок согласно Законот преку Агенцијата за вработување, во наредните четири месеци ќе добиваат 3000 денари месечно, како дополнителен приход. Пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е со минимална пензија до 11.525 денари. Оваа категорија ќе има дополнителен приход од 1500 денари во наредните четири месеци. Втората категорија на пензионери со пензија од 11.525 до 14.000 денари ќе има дополнителен приход од 750 денари месечно. Примателите на туѓа нега ќе добиваат по 3000 денари месечен приход, во наредните четири месеци, а лицата со надомест за телесно оштетување по 750 денари“, рече министерката за труд и социјална политика.

Тешко време за сиромашните - потребно е системско решение

Со владината помош за ранливите категории граѓани опфатени се околу 180 илјади граѓани или 10 отсто од популацијата. Според податоците на Светската банка од оваа година, во Македонија 18 проценти од населението живее во сиромаштија.