Задолжувањето од 530 милиони евра од ММФ на собраниска седница

Меѓународен монетерен фонд

Пратениците на денешната 92-ра седница во Собранието на Република Северна Македонија треба да го разгледаат Предлог законот за задолжување на земјата кај Меѓународниот монетарен фонд со Кредитна линија за претпазливост и ликвидност во висина од 530 милиони евра.

На дневен ред на седницата е и Предлог законот за задолжување на Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии. И двата закони треба да се донесат по скратена постапка.

Парите што државата треба да ги добие од ММФ треба да послужат за да се обезбеди ефективна заштита од криза.

За Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, пак, се планирани 24,9 милиони евра, од кои заем од Светска банка во износ од 20 милиони евра и 4,9 милиони евра грант од ЕУ кој ќе се администрира преку СБ. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која ќе биде формирана во Министерството за финансии.