Левица поднесе корегирано предлог референдумско прашање

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев

Пратеникот и претседател на „Левица“ Димитар Апасиев денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека поднел писмен поднесок за деловничко усогласување на првично поднесената предлог иницијатива за распишување задолжителен дополнителен референдум, во врска со францускиот предлог.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на 12 октомври соопшти дека барањето за одржување референдум поднесено од Левица не е подготвено во согласност со Собранискиот деловник, а прашањето е несоодветно поставено. Воедно побара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.

Апасиев изјави дека после 35 дена го добил известувањето од спикерот.

„Во иницијативата што ви ја поделив, се повикувам на еден процесен институт на објективна акумулација односно инсистирам да се задржи првичната формулација на прашањето, но како евентуална втора факултативна алтернатива прашањето ново коешто го прецизираме „дали сте за преговори со ЕУ со прифаќање на изгласаните собраниски ставови содржани во заклучоците“. Тоа ќе биде начелно содржината што денес го поднесовме и останува како ќе изреагира претседателот“, вели Апасиев.

Запрашан што доколку Џафери ја отфрли иницијативата, лидерот на Левица рече дека ќе го почека одговорот, а потоа посочи дека имаaт на располагање правни и политички механизми.

Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”.

Џафери на 13 септември ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, образложувајќи дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.