Османи во посета на Естонија

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Во рамки на тридневната балтичка турнеја, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Талин ќе се сретне со својот естонски колега Урмас Реинсалу, како и со претседателот на Парламентот на Естонија, Јури Рутас, а ќе ги посети и Естонскиот центар за меѓународен развој и Центарот за соработка во кибер одбраната на НАТО, соопштија од МНР.

Вчера тој ја посети Литванија каде фокусот на разговорите биле актуелните состојби во регионот на Западниот Балкан, евроинтегративниот процес на земјава, предизвиците кои произлегуваат од војната во Украина, како и улогата на Македонија и Литванија како членки на НАТО. Во Вилнус тој се сретна со неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис и со претседателката на литванскиот парламент, Викторија Чмилите-Нилсен, а учествуваше и на Вториот форум на високо ниво за иднината на демократија.

Како што соопшти МНР, Османи имал обраќање на првиот ден од Форумот на панелот под наслов „Што ќе ја замени раздробената глобална безбедносна архитектура“, модериран од министерот Ландсбергис. Тој се осврнал на руската инвазија на Украина, како очигледно кршење на меѓународното право и предизвик на концептот на мултилатерализмот како основа на безбедносната архитектура.

Форумот Иднината на демократијата се одржува во Вилнус втора година по ред и претставува меѓународна конференција на високо ниво како претходница на Самитот за демократија, под покровителство на претседателот на САД, Џо Бајден.

Балтичката турнеја, Османи ќе ја заокружи со утрешната посета на Летонија каде меѓу другото е планирана средба и со македонските војници кои се дел од словенечкиот контингент на Мисијата на НАТО за зголемено засилено присуство во Летонија.