ВМРО-ДПМНЕ: Успешна година за нашите градоначалници, СДСМ: Саемот за отчет е партиски панаѓур

Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски изрази задоволство од сработеното на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои како што рече и во услови на економска, политичка и енергетска криза креираат успешни политики.

„Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата, истакна претседателот на партијата во своето обраќање на партискиот настан насловен „Саем на промените што носат иднина!” по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека градоначалниците реализирале проекти во вредност од 7.458.790.588 денари или близу 120 милиони евра.

Владејачката СДСМ реагира дека Саемот на ВМРО-ДПМНЕ е партиски панаѓур за отчет на градоначалници пред шпицниот градоначалник Мицкоски.

Денешниот партиски панаѓур на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден доказ дека градоначалниците од оваа партија не работат за интересите на граѓаните, туку за личните и бизнис интереси на Мицкоски. Мицкоски е шпицниот градоначалник на секоја општина предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој прави увиди, тој договара набавки, пред него, наместо пред граѓаните даваат отчет градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Од СДСМ додаваат дека резултатот од една година локална власт на ВМРО ДПМНЕ се гледа најмногу во Скопје, каде што како што истакнуваат, владее целосен хаос.