По разговорот со српскиот претседател, Лајчак повикува на воздржаност

Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, преку порака на Твитер објави дека синоќа имал „долг, тежок, но фер разговор“ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ги повика „сите на воздржаност“.

„Сметам на одговорното однесување на сите да покажат воздржаност заради безбедност и стабилност. Насилството мора да се избегне“, напиша Лајчак утрово на Твитер.

Тој додаде дека се согласиле оти „сите договори во дијалогот мора да бидат поддржани и целосно имплементирани“, додаде Лајкчак.

Вучиќ синоќа во Белград се сретна со Лајчак во време кога се зголемија тензиите меѓу Белград и Приштина поради несогласувањата околу пререгистрацијата на возилата со српски регистарски таблички на Косово.

Од 1 ноември, кога стапи на сила одлуката на косовските власти дека косовските државјани кои имаат возила со српски регистарски таблички имаат обврска да ги заменат со косовски, српските полицајци во општините на север одбиваат да им дадат предупредувања.

Планот на Владата на Косово е процесот на пререгистрација на ознаките РКС да го спроведе во три фази - во првата се предупредуваат возачите, во втората може да платат казна од 150 евра, додека во третата ќе се издаваат пробни таблички. Косовската влада објави дека од 21 април 2023 година ќе може да се користат само регистарските таблички РКС.