Лајчак денеска во Белград на средба со Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Белград ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан Мирослав Лајчак. Како што најавија од Претседателството на Србија, средбата треба да започне во 18:30 часот. Темите на средбата не се прецизирани. Дел од белградските медиуми денеска јавија дека утре ќе се одржи седница на Владата на Србија на која претседателот Александар Вучиќ ќе информира за ситуацијата на Косово. Седницата била свикана по последните тензии на северот на Косово и суспензијата на регионалниот командант на косовската полиција за север, Ненад Ѓуриќ, од Приштина, како и по разговорите на Вучиќ со тамошните Срби, што траеле цела ноќ во Белград.

Началникот на полицијата во северно Косово суспендиран

Поради суспензијата на Ѓуриќ, претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, за утре закажа итен состанок на сите претставници на косовските институции на северот на Косово. Тогаш тој ќе предложи сите Срби да ги напуштат косовските институции на северот, како што изјави, почнувајќи од него лично, а исто така и од локалните власти, обвинителството, судот, полицијата и сите други органи.

Лајчак по состанокот со Курти: Важно е да се избегнат тензиите

Инаку, српската премиерка Ана Брнабиќ вчера во Берлин, по самитот на Берлинскиот процес, изјави дека одвоено разговарала со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и со Лајчак за проблемот со пререгистрацијата на возилата со српски регистарски таблички во Косово. Лајчак беше во Белград пред две недели, кога изјави дека продолжува со „отворени и сериозни дискусии“ со Вучиќ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.