Оставки на Клинички, од директорските места заминуваат Софијанова и Васев

Универзитетски Клинички центар Мајка Тереза Скопје

Оставка поднеле директорката на Детската клиника, доктор Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, доктор Никола Васев, на барање на министерот за здравство Беким Сали, информираше Министерството за здравство.

Во известувањето се додава дека јавноста ќе биде навремено информирана кога министерот ќе назначи нови директори на двете клиники, согласно законските процедури.

Минатиот месец името на Софијанова ги полнеше медиумите, откако новинарот Фуркан Салиу објави дека директорката земала над 5.000 евра плата, а поголем дел од тоа биле надомест за дежурства, на кои, според документите што ги имал Салиу, таа не била на работа.

Потоа Софијанова преку социјалните мрежи го објаснуваше случајот.

„Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утрвден со соодветен правен акт и истиот се почитува до детал. И, на крај никогаш мојата плата не била 300.000 илјади денари, никогаш“, тврди Софијанова.

Медиумите деновиве пишуваа и за недостиг на милиони евра за терапии на болни од рак и за шеми за корупција на вработен во Клиника за онкологија кој наводно примал мито.

Министерството за здравство направи контроли за работењето на 12 клиники од Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, но извештајот се уште не е стигнат на владина седница. Министерот Сали денеска соопшти дека по направената контрола, во три клиники биле констатирани неправилности во исплатата на месечните приходи од плати и дежурства.