БЕСА ги кани партиите на Албанците на лидерска средба за уставните измени и формулацијата за јазикот

Илустративна фотографија

Политичката партија БЕСА најави покана до сите партии на Албанците за заедничка средба за да се разговара за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.

Како што изјави генералниот секретар на партијата Аријанит Хоџа, на средбата може да присуствуваат и оние партии на Албанците коишто имаат интерес, а до кои нема да биде испратена покана.

Претходно пак шефот на македонската дипломатија и портпарол на ДУИ Бујар Осамни рече дека не смета оти ова треба да биде албанска етничка агенда, туку треба сите политички партии да седнат и да ги разгледаат овие прашања.

„Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на „20 проценти“, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок“, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи, осврнувајќи се на барањето на албанскиот блок да се избрише од Уставот „ јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и да стои само „албански јазик“.

Тој, потенцираше дека колку што имаат интерес албанските партии, толку имаат и македонските политички партии од промената на овој начин на формулирање.

„Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот“, истакна Османи.

В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари пак за ТВ Коха изјави дека наскоро ќе го објават сетот мерки кои ќе бидат услов партијата да гласа за уставните измени, при што како една од најважните мерки го наведе вметнувањето на албанскиот јазик во Уставот наместо сегашната формулација.

За ова Таравари најави дека од неговата партија ќе иницираат и средба со сите политички партии.