Стружанец координирал продажба на дрога во Австралија

илустрација

Во Струга е уапсен маж кој е осомничен дека бил координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија. И.Р. (27) од Струга, кој има македонско и австралиско државјанство, беше уапсен од македонската полиција во директна соработка и размена на докази со Австралиската федерална полиција и полициските сили на Западна Австралија и во координација со американската ДЕА, по една година истрага. За уапсениот Стружанец, се прецизира, постојат основи на сомнение дека бил координатор на меѓународна организирана криминална група која дејствувала главно на територијата на Австралија и договарала зделки со дрога користејќи софистициран начин на комуникација преку шифрирани телефонски уреди.

Командир на полициска станица апсен во соработка со ДЕА осуден за трговија со дрога

„Во текот на оваа меѓународна акција, во Австралија се уапсени 13 лица кои биле членови на криминални групи поврзани со групата координирана од И.Р., при што била откриена поголема количина на наркотична дрога метиламфетамин и кокаин во вредност од над 10.000.000 австралиски долари. запленети, како и поголема сума на пари“, се вели во соопштението. При претресот кај И.Р., се наведува, пронајдени се повеќе предмети за кои постои сомнение дека се користени при извршување на кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „злосторничко здружување“. За тие кривични дела против уапсениот Стружанец полицијата поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција, а судијата за претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.