Ковачевски – Пекарова Адамова: Чешка поддршка за македонските евроинтеграции

Средба во Скопје на премиерот Димитар Ковачевски и Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република

Евроинтеграциите, кризата и војната во Украина биле во фокусот на разговорите на премиерот Димитар Ковачевски, кој во Владата се сретна со Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република.

Притоа била нагласена блиската соработка помеѓу двете држави во изминатите веќе 28, а се разговарало и за нејзино натамошно унапредување.

„Пренесен е ставот дека Чешката Република и Северна Македонија се активни НАТО партнери, како држави членки на Алијансата и е изразена надеж дека таа соработка ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија. Во таа насока е изразена силна поддршка за натамошната интеграција на Република Северна Македонија во Унијата, со честитки за напредокот и отворените преговори со ЕУ, во јули годинава“, соопштија од владиниот кабинет.

Заеднички било оценето дека е потребно одговорно однесување од сите институции, како од Владата, така и од Парламентот, со цел Северна Македонија да го продолжи отворениот европски пат. На состанокот било посочено дека се цени усогласеноста со ЕУ на надворешната политика на Северна Македонија, во однос на војната во Украина и заеднички било констатирано дека застанувањето на страната на Украина е застанување на страната на демократијата и мирот во Европа.

Претходно Пекарова-Адамова која е во официјална посета на Скопје имаше средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери на која исто така била истакната поддршката на Чешка за ЕУ- интеграциите на Македонија.

„Уверен сум дека Вашата поддршка и пријателска соработка кон нашата земја ќе продолжи и понатаму со истиот интензитет“, нагласи Џафери, се наведува во соопштението од средбата.

Претседателката на чешкиот парламент пак изразила спремност и понатаму да се продлабочи взаемната соработка на сите полиња.

„Свесни сме дека Вашиот пат кон ЕУ е тежок но истовремено сме горди и го поддржуваме Вашиот оптимизам и спремност да успеете на овој пат“, нагласила Адамова која од име на нејзината земја упатила благодарност до Џафери за учеството и партиципацијата во заедничката воена помош кон Украина, како сојузници во НАТО.