Украина е принудена на рестрикции на струјата по оштетувањето на мрежата

Украина се справува со штетите на нејзината инфраструктура предизвикани од руските воздушни напади

Украинските власти им порачаа на граѓаните да очекуваат прекини на струја и ограничувања во снабдувањето со електрична енергија бидејќи земјата се справува со штетите на нејзината инфраструктура предизвикани од руските воздушни напади. Во различни региони на Украина може да дојде до прекин на електричната енергија за да се намали оптоварувањето на електричната мрежа, изјави Олександр Харченко, советник на министерот за енергетика. „За жал, според новите податоци, околу 40 насто од вкупната инфраструктура е сериозно оштетена. Работите за поправка и поврзување се во тек, но денеска и утре се очекуваат прекини“, изјави Харченко на украинската телевизија.

Беспилотни летала камикази ги тероризираат украинските градови

Тој додаде дека ќе има прекини „не само вонредни, туку и планирани“ со цел да се намали оптоварувањето на електричната мрежа. Кирило Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот, одделно на Телеграм рече дека рестрикциите за електрична енергија низ целата земја ќе започнат на 20 октомври од 7:00 до 23:00 часот. Претседателот Володимир Зеленски претходно рече дека владата „работи на создавање мобилни пунктови за напојување за критичната инфраструктура на градовите и селата“.