Политика, дронови и автобуси

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин воведе воена состојба во четири региони на Украина, чии делови се под контрола на руските војници, додека украинските сили продолжуваат со ослободувањето на окупираните територии на истокот на земјата.

КАНАДА - Канада соопшти дека на 20 октомври ќе биде домаќин на онлајн состанок на светските министерки за надворешни работи на кој ќе се разговара за актуелните немири во Иран, кои беа предизвикани од смртта на една млада жена која беше во полициски притвор поради „неправилно“ носење хиџаб.

УКРАИНА - Седум од 10 Украинци велат дека нивната земја треба да продолжи да се бори додека не победи во војната со Русија, која вклучува враќање на Крим. Анкетата на Галуп, спроведена на почетокот на септември, покажа дека 70 насто од Украинците се за борба до победа, додека 91 насто кои ја поддржуваат војната ја дефинираат победата како враќање на целата територија заземена од Русија, вклучувајќи го и Крим, кој Москва нелегално го анектираше во 2014 година. Само 26 проценти од испитаниците рекле дека Украина треба да се обиде да преговара за крај на војната што е можно поскоро.

МАКЕДОНИЈА - ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска поради процедурата за избор на уставни судии. Барањето, како што посочија од партијата, се поднесува затоа што Георгиевска неделовнички и неуставно на сè уште незавршена точка на дневен ред и незавршена комисија поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.

САД - Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска во Приштина ја повтори американската поддршка за членството на Косово во евроатлантските институции.

ЕУ - Нападите на Русија со ракетни и беспилотни летала врз електроцентрали и друга цивилна инфраструктура во Украина се „акти на чист терор“ кои се еднакви на воени злосторства, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. „Вчера повторно ги видовме целните напади на Русија против цивилната инфраструктура. Ова означува уште едно поглавје во веќе многу суровата војна. Меѓународниот поредок е многу јасен. Тоа се воени злосторства“, рече фон дер Лајен во говорот пред пратениците во Европскиот парламент.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја денеска истрела 100 артилериски гранати од нејзиниот западен брег, соопшти војската на Јужна Кореја, само неколку часа откако лансираше стотици гранати во морето во близина на нејзиниот источен и западен брег во, како што го нарече, сериозно предупредување до Јужна Кореја. Северна Кореја врши тестови на оружје со невидено темпо оваа година, истрелувајќи балистички ракети.

УКРАИНА - Руските сили денеска повторно го нападнаа јужниот дел на украинскиот регион Миколајев со беспилотни летала камикази, објави украинската војска. Повеќе од една недела воздушни напади уништија речиси една третина од електричните централи во Украина и ја прекинаа електричната енергија во повеќе од 1.000 градови и населени места.

МАКЕДОНИЈА - Скопјани в четврток ќе останат без јавен превоз затоа што возачите на ЈСП не ја добија неисплатената плата. Советот на Град Скопје ја задолжи градоначалничката до петок напладне да достави одлука за прераспределба на градските пари за да се овозможи непречена работа на ЈСП.