Ескобар во Приштина на средби со државниот врв и опозицијата

Специјалниот пратеник на Соединетите држави за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар

Специјалниот пратеник на Соединетите држави за косовско-српскиот дијалог, Габриел Ескобар престојува во Косово, каде што, освен со челниците на државните институции, ќе се сретне и со опозициските лидери. Косовските медиуми вчера објавија дека Ескобар ќе има заедничка средба со лидерите на трите најголеми опозициски партии, Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, односно со Мемли Красниќи, Љумир Абдиџику и Рамуш Харадинај. Според најавите, средбата треба да се одржи утре напладне во американската амбасада во Приштина.

Ескобар: Вучиќ е посветен на регионална стабилност

Од кабинетот на претседателката на Косово, Вјоса Османи синоќа објавија дека таа ќе го прими американскиот емисар во нејзиниот кабинет. Ова е втора посета на американскиот посредник на Косово за помалку од два месеца. Посетата на Ескобар доаѓа откако минатата недела американскиот државен секретар, Ентони Блинкен имаше телефонски разговор со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател, Александар Вучиќ.