Политичари, нобеловци и фудбал

ЧЕШКА - Лидерите на Европската унија и соседите од Велика Британија до Турција се состанаа во Прага за да разговараат за безбедносната и енергетска вонредна состојба што ги мачат сите од почетокот на руската инвазија на Украина, на симболичен самит што ја нагласи изолацијата на Москва. „Овој состанок е начин да се пронајде нов поредок без Русија“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, додавајќи дека Москва можеби нема да биде секогаш исклучена, но засега „нема место“ за Русија на претседателот Владимир Путин.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека утре владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски ќе има средба со компанијата за природен гас за која контактите ги даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ШВЕДСКА - Шведската безбедносна полиција и обвинителство соопштија дека прелиминарната истрага за истекувањата од двата руски гасоводи во Балтичкото Море ги зајакнала сомнежите за саботажа.

МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната 87-ма седница одлучи да се замрзнат маржите за млечните производи: урда, крајво бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт. Со ова се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и на мало.

РУСИЈА - Русија поднесе прелиминарен приговор за случајот за геноцид што Украина го покрена против Русија, соопшти денеска Меѓународниот суд на правдата (МСП). Највисокиот суд на ОН на Твитер објави дека пред три дена го примил приговорот, чија содржина не е објавена јавно.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за новинарите дека не се плаши од „оние кои и се закануваат на Србија дека не воведува санкции кон Русија и дека неговиот одговор до европските лидери ќе биде љубезен, одговорен, сериозен и далекусежен“. Вучиќ овие тврдења ги изнесе во пресрет на самитот во Прага, на првиот состанок на Европската политичка заедница.

БЕЛОРУСИЈА - Авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко, го забрани зголемувањето на цените бидејќи се обидува да се справи со забрзаната инфлација во земјата погодена од западните санкции поради неговиот спорен избор и поддршката за Русија во војната на Москва против Украина. Лукашенко денеска го најави овој потег, за време на средба со владини претставници.

ФРАНЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - На првиот состанок во Прага на Европската политичка заедница, францускиот претедател ја потврди француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, објави премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација на овој форум.

ШВЕДСКА - Француската писателка Ани Ерно ја доби Нобеловата награда за литература за 2022 година. Жирито на Шведската академија на 6 октомври соопшти дека Ерно ја добива наградата „за храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“.

СРБИЈА - Србија ќе го зголеми бројот на луѓе на границата со Северна Македонија со цел да го намали бројот на нелегални влегувања во земјата, изјави денеска во Белград српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, по средбите со унгарски и австриски претставници за управување со миграциските процеси. Вулин по средбата изјави дека ова е начин за подобра контрола на миграцијата и нагласи дека нема да се градат нови прифатни центри, како и дека нема да има проширување на капацитетите.

ПОРТУГАЛИЈА / ШПАНИЈА - Украина е додадена на кандидатурата на Португалија и Шпанија за домаќин на Светското првенство во 2030 година, создавајќи заедничка европска апликација за домаќин на фудбалскиот турнир за осум години. Претседателот на Украинската фудбалска асоцијација Андриј Павелко рече дека тоа ќе биде „сон на луѓето кои ги преживеале ужасите на војната или се уште се на окупираните територии и над кои сигурно наскоро ќе се вее украинското знаме“. Павелко зборуваше заедно со своите колеги од Португалија и Шпанија пред презентацијата на официјалната понуда во седиштето на УЕФА во Нион, Швајцарија.