Енергетската криза и евроинтеграциите во фокусот на македонските разговори во Прага

Премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на ЕУ на Форумот во Прага, 6 октомври

Енергетската криза и евроинтеграциите беа главните теми на разговор на премиерот Димитар Ковачевски кој заедно министерите за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бујар Османи и Љупчо Николовски кои отпатуваа во Прага, на првиот состанок на Европската политичка заедница.

Ковачевски беше дел од лидерската тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата, каде како што соопштија до Владата, премиерот ги истакнал позициите, моменталната состојба во Северна Македонија како и очекувањата и неопходноста од соработка за надминување на енергетската криза.

„Беше истакнато дека регионот на Западен Балкан е еден од најпогодените, затоа што производството на електрична енергија е базирано на лигнит и тоа од многу стари термоелектрани на јаглен, кои во дадениот контекст се неефикасни“, се наведува во владиното соопштение.

Ковачевски во Прага имаше и неколку билатерални средби. На средбата со грчкиот премер, Киријакос Мицотакис уште еднаш била потенцирана важноста од соработката во енергетскиот сектор. И двајцата премиери со согласиле дека дека има голем потенцијал за соработка ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји.

„Заедничките енергетски проекти се од значење за Република Северна Македонија како нови извори за снабдување со гас како поеколошки и поевтин енергенс, како и од можноста да стане регионален центар за натамошен транзит и дистрибуција на гасот на земјите од регионот“, соопштија од владината служба по средбата.

И евроинтеграциите, заедно со кризата предизвикана од воената агресија врз Украина, биле теми на разговор за време на посебни билатералните средби со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со австрискиот канцелар Карл Нехамер каде соговорниците ја потврдиле добрата соработка меѓу државите.

Како што објави премиерот на својот ФБ профил, на првиот состанок на Европската политичка заедница, францускиот претедател Емануел Макрон ја потврдил француската поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

„Денешниот ден означува почеток на поинтензивна соработка на ниво на Европа како континент, но и пошироко“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Со слика на Фејсбук заедно со премиерот Ковачевски се јави и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, како во студентските денови додека го чекаме следниот состанок“, напиша Вучиќ.

На форумот во Прага беше предвидено учествуво на лидерите на 44 држави – 27-те членки на ЕУ, земјите од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Грузија, Турција и Украина. Поради клучната парламентарна дебата во нејзината земја, не пристигна само данската премиерка Мете Фредериксен со што бројот на лидери се намали на 43 од првично предвидените 44.