Стопанството ја чека поддршката од Владата за да не се отпуштаат работници

Илустративна фотографија

Состојбата е тешка и бизнисот очекува поддршка од Владата и исполнување на нивните барања за надминување на последиците од енергетската криза, истакна потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиевска-Јовеска на денешната прес-конференција. Од Кризниот штаб на комората предупредија дека ако стопанството не ја добие потребната помош, ќе следи намалување на бројот на вработени од 30 до 50 проценти.

Поддршката што ја очекува бизнисот, како што истакна потпретседателката, е врз база на пресметки во компаниите со цел да не дојде до редуцирање на производството и на кадарот.

„Состојбата е тешка и бараат поддршка и премостување на нивните потешкотии со кои се соочуваат“, додаде Георгиевска-Јовеска .

Во име на Кризниот штаб, Георгиевска-Јовеска рече дека треба што поскоро да следат мерките, бидејќи компаниите ја чекаат поддршката од Владата.

„ Да се субвенционира цената на електричната енергија за индустријата по примерот на соседните земји, да се обезбеди правна рамка за фирмите да излезат од постојните договори за снабдување со електрична енергија за компаниите да можат да склучат договори со ЕСМ снабдување, да се максимизира домашното производство на електрична енергија и вишоците да се понудат на индустријата по производна цена и да се намали ДДВ-то за електрична енергија од 18 на пет отсто“, рече Георгиевска-Јовеска.

Таа додаде дека врз основа на направените компаративни анализи, компаниите треба да добијат определна базна цена за струјата на која државата би ги покривала трошоците.

Кризниот штаб на Стопанската комора денеска одново заседаваше поради енергетската криза и скапата струја за компаниите. Инаку, по вчерашниот состанок во владата, бизнис заедницата го продолжи ултомативниот рок за уште 7 дена до владата за таа да го комплетира пакетот антикризни мерки. Ако тоа не се случи, најавуваат затворање на дел од фирмите и отпуштање на нивните работници.