Од Жан Митрев до Илон Маск

ШВАЈЦАРИЈА - Швајцарската полиција испука гумени куршуми додека демонстранти протестираа пред Амбасадата на Иран во Берн, а двајца мажи се прекачија преку оградата на амбасадата и го извлекоа иранското знаме од јарболот. Никој не беше повреден во денешните протести, кои беа еден од десетиците одржани ширум светот во знак на солидарност со протестите во Иран поради смртта на 22-годишна жена додека беше во полициски притвор.

УКРАИНА - Украинскиот Врховен суд отпушти еден од своите судии, по неодамнешното новинарско истражување на украинската редакција на Радио Слободна Европа дека тој има руско државјанство. Во директивата објавена на 5 октомври, претседателот на Врховниот суд Всеволод Књазиев наредува на Бохдан Лвов да му бидат одземени овластувањата како судија и да биде разрешен од судот, одлука која веднаш ќе стапи на сила.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека се надева оти воената ситуација на неодамна припоените украински територии ќе се „стабилизира“, и покрај тешкотиите со кои се соочуваат руските трупи под притисок на украинската контраофанзива во тие области.

ЕУ - Европската унија го даде своето конечно одобрение за новата рунда санкции кон Русија поради нејзината војна против Украина, соопшти денеска извршната власт на блокот. Осмиот пакет санкции на ЕУ треба да ја лиши Москва од милијарди евра приходи од продажба на производи, за кои ЕУ вели дека создаваат значителни приходи за Русија. Пакетот санкции „го проширува списокот на ограничени ставки кои би можеле да придонесат за воено и технолошко подобрување на Руската Федерација или за развојот на нејзиниот одбранбен и безбедносен сектор“, се вели во новата регулатива за санкции на ЕУ.

ШПАНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Шпанија и Германија се држат до нивниот план за изградба на нов гасовод преку Пиринеите, покажува нацртот на заедничкиот план врз кој Ројтерс имаше увид. Во документот се наведува дека Берлин и Мадрид ќе продолжат да лобираат за поголем капацитет на поврзување на Пиринејскиот Полуостров, со цел да го зголемат нивниот придонес за сигурноста на снабдување за целата ЕУ.

АВГАНИСТАН - Експлозија денеска одекна во џамија во главниот град на Авганистан во близина на комплекс на Министерството за внатрешни работи, соопштија талибанските власти. Според податоците на медицинските лица, загинале најмалку две лица, а 18 се повредени.

МАКЕДОНИЈА - Мојата сестра е пратеничка, тоа не е тајна вели судијката Антоанета Димовска која бара од Судскиот совет да биде предлог за уставен судија за кој ќе треба баш пратениците да гласат на пленарна седница. Димовска е сестрата на пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчевска, која ако Судскиот совет одлучи да ја предложи, во Собранието ќе треба да гласа за нејзиниот избор.

МАКЕДОНИЈА - Докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев дал гаранција од 1 милион евра во кеш во Основниот Кривичен суд во Скопје дека нема да избега од државата, соопшти денеска на брифинг со новинарите, шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски. Против Митрев е отворена истрага под сомнение за измама на пациенти. Поради опасност од бегство на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев во август му беше одземен пасошот. Според Бубевски, досега се сослушани 80 отсто од пациентите кои пријавиле дека се оштетени.

ФРАНЦИЈА - Група француски женски филмски ѕвезди предводени од оскаровките Жулиет Бинош и Марион Котијар објавија видео снимки на кои се шишаат во знак на поддршка на жените во Иран кои протестираат против смртта на Махса Амини во полициски притвор за наводно неправилно носење на нејзиниот хиџаб. На видеата, објавени на профилот на Инстаграм со име Поддржете ги жените Иран и со хастагот #hairforfreedom, може да се видат ѕвездите како сечат грст коса додека гледаат директно во камерата. „За слобода! вели Бинош додека ја тресе раката полна коса кон камерата.

ПОЛСКА - Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полска е во преговори со САД за да биде вклучена во програмата за нуклеарна размена, која им овозможува на некои сојузнички земји да добијат американско нуклеарно оружје и да можат да го користат доколку Америка им го овозможува тоа.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Јужна Кореја и Соединетите држави лансираа четири ракети земја-земја кон Јапонското Море како одговор на серијата проектили истрелани од Пјонгјанг, соопшти денеска јужнокорејската војска. Според Генералштабот на јужнокорејската армија, јужнокорејската и американската војска истрелале по две тактички проектили врз симулирани цели. Во вторникот воздухопловните сили на двете сојузнички земји изведоа вежба за бомбардирање на цел во Жолтото Море.

САД - Акциите на Твитер пораснаа откако милијардерот Илон Маск предложи да се продолжи со преземање на платформата за социјалните медиуми по цена од 54,20 долари по акција, пренесува Ројтерс. Акциите скокнаа за повеќе од 22 насто и се затворија на 52,00 долари, откако се покажа дека Маск има намера да продолжи со својата понуда од 44 милијарди долари во април да го преземе Твитер. Компанијата Твитер потврди дека добила писмо од Илон Маск кој сака да ја купи социјалната платформа. Маск сака да ја купи компанијата по цена договорена во април, која е 54,20 долари по акција, пренесе АФП.