Швајцарската полиција употреби гумени куршуми на протестите пред иранската амбасада

Илустративна фотографија - во повеќе градови низ светот беа одржани протести во знак на солидарност со протестите во Иран поради смртта на 22-годишната жена додека беше во полициски притвор.

Швајцарската полиција испука гумени куршуми додека демонстранти протестираа пред Амбасадата на Иран во Берн, а двајца мажи се прекачија преку оградата на амбасадата и го извлекоа иранското знаме од јарболот.

Никој не беше повреден во денешните протести, кои беа еден од десетиците одржани ширум светот во знак на солидарност со протестите во Иран поради смртта на 22-годишна жена додека беше во полициски притвор.

Жената, Махса Амини, почина на 16 септември во болница, откако беше приведена од полицијата за морал, бидејќи наводно ја носела премногу лабаво шамијата.

Од нејзината смрт, Иран забележа редок излив на постојан јавен гнев, поттикнат во голем дел од Иранки.

Во Берн, полицијата соопшти дека употребила гумени куршуми откако неколку други демонстранти на неовластените демонстрации, исто така, се обиделе да влезат во дворот на амбасадата.

Двајцата мажи кои влегле во просториите на амбасадата биле приведени, соопшти полицијата.

Според една иранска организација за човекови права, на 1 октомври се одржани собири во 159 градови низ светот.

Иран ги обвини надворешните сили за протестите, кои се едни од најголемите потести во земјата во последните години.

Група за човекови права со седиште во Норвешка соопшти дека најмалку 92 лица се убиени низ Иран поради тековната полициска акција на протестите.