Излетало возило во реката Вардар кај Тетово, се трага по луѓе

Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента.

Тетовската полиција информира дека патничко возило „фолксваген голф 4“, со кумановски регистарски ознаки излетало од коловозот на мостот во тетовско Желино и паднало во водите на реката Вардар. Според тетовската полиција, во возилото кое се извлекува од реката, засега не се пронајдени лица.

„На самото место се јавен обвинител, увидна екипа од СВР Тетово и други полициски службеници, кои ги пребаруваат водите на реката, а повикани ќе бидат и нуркачки екипи од МВР со цел да се пронајде возачот на возилото и евентуално други сопатници. Се расчистува и документира случајот“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Центарот за управување со кризи- ЦУК информираше дека возилото со помош и поддршка од градежни машини е извлечено надвор од длабоките води на речното корито.

„Во моментот не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив“, велат од ЦУК.

Од центарот посочуваат дека оствариле комуникација со надлежните институции кои работат на случајот.