Османи ги претстави приоритетите на претседавањето со ОБСЕ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи при претставување на приоритетите на претседавањето на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година изјави дека мали држави ретко добиваат ваква шанса да се покажат на голема сцена.

„Ова е голема шанса за Република Северна Македонија во период кога регионот на ОБСЕ се соочува со една од најголемите безбедносни закани“, рече Османи

Тој истакна дека проектот е од државно значење и претставува признание на реформските напори дома и на проактивната надворешна политика, како веродостоен и одговорен чинител во регионот и пошироко.

„Тоа беше потврдено на Министерскиот совет во Тирана во 2020, кога консензуално, со поддршка на сите земји учеснички ни беше доверен мандатот да бидеме на чело на Организацијата во 2023“, рече Османи.

Според него, целта на претседавањето е да иницира процеси кои ќе бидат фокусирани врз луѓето, граѓаните на земјите учеснички, особено оние на кои им треба помош и поддршка.

Шефот на Делегацијата на Собранието во ПС на ОБСЕ, пратеникот Игор Јанушев, рече дека претседавањето е многу сериозен ангажман, чие успешно спроведување претставува заеднички интерес.

„Постои плодна соработка меѓу нашиот парламент и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и промовирањњто на родовата активност“, рече Јанушев.

Северна Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи на ОБСЕ, заедно со овогодишниот претседавач Шведска и претседавачот во 2022 година Полска.