Две милијарди долари помош од Светска банка поради поплавите во Пакистан

Илустрација: Поплави по Пакистан

Светската банка соопшти дека ќе обезбеди околу две милијарди долари помош за Пакистан, каде што во годинашните поплави загинаа над 1600 луѓе.

Потпретседателот на Светската банка за јужна Азија, Мартин Раисер ја најави оваа помош синоќа, по првата официјална посета на Пакистан. Тој рече дека работат со пакистанските власти на пружање итна помош за оние кои биле најмногу погодени од поплавите.

За време на посетата, тој се сретна со сојузните министри и со главниот министер на јужната покраина Синд, најтешко погодениот регион, каде што го обиколи тешко погодениот округ Даду.

Во таа покраина има илјадници импровизирани медицински кампови за преживеаните од поплавите, а Националната управа за управување со катастрофи објави дека епидемиите на тифус, маларија и денга треска убиле најмалку 300 луѓе.

Претставници на Светската банка минатата недела, на состанокот со премиерот Шабаз Шариф, одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се согласија да обезбедат 850 милиони долари за помош на Пакистан поради поплавите. Најавената помош од 2 милијарди долари го вклучува и тој износ.

Раисер рече дека поправката на инфраструктурата и станбените објекти треба да почне што поскоро.

Во изминатите два месеци Пакистан испрати скоро 10 илјади доктори, медицински сестри и друг медицински персонал да се погрижи за преживеаните во покраината Синд.

Во монсунските дождови и поплавите кои го погодија Пакистан на средината на јуни, а кои многумина стручњаци ги поврзуваат со климатските промени, беа повредени 13 илјади луѓе.

Поплавите раселија милиони луѓе, уништија посеви и половина милион домови, како и илјадници километри патишта.