Швајцарија уништува 10 милиони вакцини против коронавирус

Илустрација

Швајцарија е принудена да уништи 10,3 милиони вакцини против коронавирус од производителот Модерна, откако им истече рокот на употреба, соопшти швајцарското Министерство за здравство.

Министерството наведе дека нема друг избор, зашто рокот истече во средата, пренесоа тамошните медиуми. Вредноста на вакцините изнесува околу 280 милиони швајцарски франци, односно околу 294 милиони евра.

Министерството наведе дека стратегијата за снабдување со вакцини од почетокот на пандемијата се состоеше во нарачување повеќе дози од потребното за 8,7 милиони жители на Швајцарија.

Земјата нарачала вакцини од различни лаборатории за да избегне да стане зависна од вакцини кои би можеле да бидат неефикасни и да избегне проблеми со испораката или со непочитување на договорите.

Швајцарските медиуми во јуни пренесоа дека земјата има вишок од 38 милиони дози од различни вакцини против коронавирус, чиј рок истекува до крајот на годинава.

Во Швајцарија од почетокот на пандемијата од коронавирус умреа 13556 луѓе, а скоро 70 отсто од населението е вакцинирано.