Мнозинство црногорски пратеници бараат разрешување на претседателот Ѓукановиќ

Претседателот на Црна Гора - Мило Ѓукановиќ

Пратениците на парламентарното мнозинство во Собранието на Црна Гора покренаа постапка за разрешување на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ .

Тврдат дека Ѓукановиќ го прекршил Уставот при постапката за предлагање претставник за состав на Влада.

Во предлогот за поведување на постапката се наведува дека Ѓукановиќ го прекршил Уставот затоа што на консултациите за мандатот не ги повикал сите претставници на политичките партии застапени во Собранието.

Во иницијативата се потпишани 41 пратеник од вкупно 81.

Парламентарното мнозинство бара Ѓукановиќ да ја отповика одлуката која води кон избори

Претседателот претходно не го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада.

Од кабинетот соопштија дека тој испратил покана до сите партии, но дека претставниците на дел од нив не одговориле.

Во Уставот стои дека постапката за разрешување може да ја покрене Собранието на предлог на најмалку 25 пратеници. Потоа, парламентот предлогот го доставува до претседателот за тој да се изјасни, а одлука за постоење или непостоење на повреда на Уставот ја носи Уставниот суд.

Претседателот на Црна Гора може да биде разрешен од Собраниетоако Уставниот суд утврди дека го прекршил Уставот, според член 98 од Уставот на Црна Гора.

Но, Уставниот суд на Црна Гора е блокиран, бидејќи има само тројца судии од седум, па нема кворум за одлучување. Во моментов во Собранието се интервјуираат потенцијалните кандидати, а за да бидат избрани треба да гласаат две третини од парламентот или 54 пратеници.