Османи - Подготвени сме за успешен и брз преговарачки процес

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Земјата е подготвена за успешен и брз преговарачки процес, особено што веќе долго време се усогласува со законодавството на ЕУ, истакнал министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата членовите на групата од Советот на ЕУ надлежни за процесот на проширување и односите со земјите кои преговараат за членство – КОЕЛА (COELA). Групата е во дводневна посета на Македонија.

Османи им пренел дека државата има завидни 45 проценти усогласеност со законодавството на ЕУ уште пред стартот на преговорите, како и 100 отсто усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, соопшти МНР.

Министерот ја реафирмирал решеноста на Владата за спроведување на домашната реформска агенда во насока на поголема подготвеност и побрз напредок при поединечното преговарање на поглавјата од преговарачкиот процес.

Посетата на Работната група КОЕЛА се реализира во пресрет на практичниот почеток на процесот на скринингот на ЕУ со Северна Македонија, како прва фаза во преговарачкиот процес и е прва по одлуката на Советот досиејата на Северна Македонија и Албанија да преминат во работната група надлежна за земјите кои се во преговарачки процес со ЕУ, заедно со Црна Гора и Србија.

Пред одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули оваа година досието на Северна Македонија беше третирано во Работната група на Советот КОВЕБ (COWEB), надлежна за земјите од Западен Балкан, кои немаат отворено преговори за членство во ЕУ.