Од Талат Џафери до Џон Ленон

САД - Судот го одби барањето за условно ослободување на човекот кој пукаше и го уби Џон Ленон пред неговата станбена зграда на Менхетен во 1980 година. Марк Дејвид Чепмен по 12-ти пат побара од судот во Њујорк условно ослободување, но беше одбиен, соопштија надлежните.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц го повика рускиот претседател Владимир Путин да најде дипломатско решение за конфликтот во Украина врз основа на прекин на огнот и целосно повлекување на руските војници, соопшти Kабинетот на канцеларoт на 13 септември, откако двајцата лидери разговараа по телефон.. На фотографијата е прикажана слика од Путин како убива гулаб, насликана на зграда во Лион, ранција.

БУГАРИЈА - Претседателот на Бугарија Румен Радев за време на средбата со претставниците на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои учествуваат во мисијата за следење на претстојните парламентарни избори на 2 октомври, рече дека на неговата земја ѝ треба стабилна редовна влада и функционално Собрание со долгорочен хоризонт, за да може да се носат и следат стратешки одлуки за државата, соопштија од прес-службата на шефот на државата.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на договорот со Бугарија како неуставна.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува, вели евроамбасадорот Дејвид Гир за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум против договорот со Бугарија.

ФРАНЦИЈА - Француско-швајцарскиот режисер Жан-Лик Годар, таткото на „Новиот бран“, почина денеска на 92 години со асистирано самоубиство, потврди советник на семејството.

РУСИЈА - Кремљ соопшти дека не планира да објави целосна или делумна мобилизација во Русија, откако руските сили претрпеа загуби и изгубија територии во регионот Харкив во Украина по контраофанзивата на украинските сили. „Во овој момент не, нема разговори за такво нешто“, рече денеска портпаролот на Кремљ Дмитри Песков одговарајќи на новинарско прашање.

МАКЕДОНИЈА - Предлог одлуки за продолжување на кризните состојби со топлинска и со електрична енергија до 30 април годинава се усвоени денеска на седница на Владата и ќе бидат испратени на усвојување во Собранието.

СРБИЈА - Србија нема да го признае Косово, но реалната политика не може да се темели на митови, желбите на народот се максималистички, а можностите мали изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ во српското Собрание. Денеска на дневен ред на посебна седница Вучиќ го презентираше „Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“, од 15 јуни 2021 до 1 септември 2022 година.

ГРЦИЈА / МАКЕДОНИЈА - Снабдување со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во следниот период, снабдување со мазут, но и можност за грчка инвестиција со изградба на гасна централа до 200 мегавати е договорено на денешната средба во Атина изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски по средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

МАКЕДОНИЈА - Директорите на скопските претпријатија добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени тврди градоначалничката Данела Арсовска откако пред неколку часа двајца функционери излегоа во јавноста со неотповикливи оставки. Таа на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека причината поради која им ја дала таа понуда е несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување насоките на градот Скопје.

ЕРМЕНИЈА / АЗЕРБЕЈЏАН - Најмалку 49 ерменски војници загинаа во судири на границата со Азербејџан, јавува новинската агенција Франс прес. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека интезитетот на борбите утринава се намали, ама не прекина.