Матарела: Без влезот на земјите од Западниот Балкан, ЕУ нема да биде целосна

Претседателот на Италија, Серџо Матарела

Со големо задоволство ја следевме информацијата во јули дека конечно ќе почнат преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија. Тоа што е со задоцнување, за жал, не беше разумно, но одлуката да почнат преговорите, сепак, го наградуваат напорот што ЕУ го направи кон Северна Македонија, порача денеска претседателот на Италија, Серџо Матарела, кој е во официјална посета на земјава.

На заедничката прес-конференција со шефот на државава Стево Пендаровски, Матарела рече дека тоа е потврда на заложбата на Северна Македонија и на сите земји кои, како што рече, со одлучност ја поддржуваа Македонија, како што тоа го направи Италија.

„Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија. Унијата е наша заедничка иднина, тоа е наше убедување, што секаде го кажуваме. Без влезот на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, Унијата нема да биде целосна и има потреба од овој влез за комплетирање за навистина да биде интегриран целиот континент“, рече Матарела.

Шефот на италијанската држава во официјална посета на Македонија

Пендаровски се заблагодари на Италија за поддршката на политиката на проширување на Унијата.

„За време на разговорите потенцирав дека Северна Македонија останува кредибилен партнер на Унијата во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици за што зборува и фактот за нашето стопроцентно усогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата“, рече Пендаровски на прес-конференцијата.

Како сојузници во НАТО, додаде шефот на државата, со претседателот на Италија Матарела размениле мислења и информации за војната во Украина и го реафирмирале повикот за итно запирање на руската агресија врз една суверена држава.