Од Силвија до Путин...

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на денешната прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Турција секогаш водела избалансирана политика кон Русија и Украина и дека така ќе продолжи. „Не морам да споменувам никакви имиња, но има неколку земји на Запад за кои мислиме дека нивниот пристап не е исправен. Тие водат политика заснована на поттикнување. Кога водите политика на провокација, не можете да постигнете резултати“, рече Ердоган.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц ветил постојана поддршка на Германија за Украина за време на телефонскиот разговор со претседателот Володимир Зеленски. Двајцата лидери разговарале и за дополнителни начини за помош на земјата разурната од војна, изјави денеска портпаролот на германската влада. Ова вклучува мерки за помош во обнова на Украина, рече портпаролот, додавајќи дека Шолц навел интензивни подготовки за меѓународна конференција за ова прашање, што ќе се одржи во Берлин на 25 октомври.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави денеска дека тв презентерката Бесмира Ејупи не е директно вработена во МНР, туку таа е преземена од Министерството за политички систем. Ејупи, како што наведе министерот, работи на најниска позиција како соработник за протокол.

ИРАН - Меѓународната агенција за атомска енергија- МААЕ соопшти дека залихите на иранскиот збогатен ураниум се зголемени. Во кварталниот извештај на МААЕ кој е објавен денеска е наведено дека залихите на ураниум збогатен до 60 отсто во Иран пораснале на 55,6 килограми, што е зголемување за 12,5 килограми во последните три месеци. Доколку се збогати дополнително, тоа би било повеќе од доволно за нуклеарна бомба.

МАКЕДОНИЈА - Актерката Силвија Стојановска е ослободена од обвинението за транспорт на дрога откако за делото беше осудена на казна затвор од три и пол години. Апелациониот суд го врати предметот, а на повтореното судење, судијата Огнен Ставрев истакнал дека јавниот обвинител не докажал дека Стојановска го сторила кривичното дело за кое се товари.

ЕУ / РУСИЈА - Европската комисија (ЕК) предлага ограничување на цената на рускиот гас, најави претседателката на оваа институција Урула фон дер Лајен. „Целта овде е многу јасна. Мораме да ги намалиме приходите на Русија што Путин ги користи за финансирање на оваа страшна војна против Украина. И сега нашите напори се исплаќаат. На почетокот на војната, рускиот гас сочинуваше 40 отсто од целиот увезен гас. Денес, сега е само девет проценти од нашиот увоз на гас“, истакна Фон дер Лајен на прес-конференцијата.

МАКЕДОНИЈА - Граѓаните на градот Скопје да бидат спокојни, сметките на БЕГ за топлинска енергија се сторнирани и ќе добијат нови корегирани сметки за месец август, изјави попладнево претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.
„Оние кои веќе ги имаат платено августовските повисоки сметки, сумата ќе има биде намалена соодветно за повисоката уплатена сума во следните сметки. А во тек на месецов останатите ќе добијат нови коригирани сметки за месец август,“ рече Бислимоски.

АЛБАНИЈА - Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, рече премиерот Еди Рама во изјава откако го обвини Иран дека летово извршил масовен сајбер напад врз неговата земја. „Советот на министри одлучи да ги прекине дипломатските односи со Исламската Република Иран, што ќе стапи на сила веднаш“, рече Рама. Рама го обвини Иран дека на 15 јули извршил сајбер напад врз албанските институции во обид да ги „парализира јавните услуги и хакирање на податоците и електронските комуникации од владините системи“.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Државната изборна комисија (ДИК) поднесе иницијатива за Референдум. Мицкоски очекува денеска во подрачните канцеларии на ДИК да бидат собрани сто потписи за таа да биде доставена до Собранието по националниот празник. Тој, како што кажа, ќе биде меѓу првите потписници во подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, како и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

СРБИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој се наоѓа во посета на Србија денеска се сретна со претседателот Александар Вучиќ, кој го пречека на аеродромот, нарекувајќи го „драг пријател“, пренесуваат српските медиуми. Ердоган пристигна во Белград како дел од тридневната посета на регионот. Вучиќ имаше тет-а-тет средба со Ердоган, на која разговарале за билатерални, регионални и глобални прашања.

СЛОВАЧКА / МАКЕДОНИЈА - Ги поздравувам сите чекори на вашата земја за приближување кон ЕУ. Словачка, која помина низ тој процес, ќе продолжи со континуираната, несмалена поддршка. Потребни се големи напори и политичка храброст, порача претседателката на Словачката Република Зузана Чапутова по денешната средба со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

САД / КИНА - Американските компании кои добиваат федерални средства нема да можат да градат фабрики за „напредна технологија“ во Кина во следните 10 години, соопшти администрацијата на Бајден. Насоките беа објавени како дел од планот вреден 50 милијарди долари, чија цел е изградба на локална индустрија за полупроводници.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше извозот на жито од Украина, договорен од Обединетите Нации, оценувајќи дека житото нема да стигне до сиромашните земји и оти моменталната криза со храна може да стане хуманитарна катастрофа. Поради тоа тој најави промена на рутите за житото.