Европската комисија предлага ограничување на цената на рускиот гас

Претседателката на ЕК Урула фон дер Лајен

Европската комисија (ЕК) предлага ограничување на цената на рускиот гас, најави претседателката на оваа институција Урула фон дер Лајен.

„Целта овде е многу јасна. Мораме да ги намалиме приходите на Русија што Путин ги користи за финансирање на оваа страшна војна против Украина. И сега нашите напори се исплаќаат. На почетокот на војната, рускиот гас сочинуваше 40 отсто од целиот увезен гас. Денес, сега е само девет проценти од нашиот увоз на гас“, истакна Фон дер Лајен на прес-конференцијата.

Според неа, испораката на гас од Русија е значително намалена. Фон дер Лајен подвлече дека Норвешка моментално ја снабдува Европа со повеќе гас отколку Русија. Таа истакна дека Европа се соочува и со „астрономски цени“ на електричната енергија за домаќинствата и компаниите и со огромна нестабилност на пазарот. Затоа оваа институција предлага низа итни мерки кои ќе ги заштитат ранливите потрошувачи и бизниси и ќе им помогнат да се прилагодат.

Меѓу мерките се предлага и таканаречената „паметна заштеда на електрична енергија“.

„Она што се промени е дека глобалното снабдување со енергија е оскудно. Ова бара паметно намалување на побарувачката“, рече претседателката на ЕК, додавајќи дека институцијата на чело со неа ќе предложи задолжителна цел за намалување на потрошувачката на електрична енергија во ударните термини.

Трошоците за електрична енергија се зголемија минатата година во Европа, поттикнати од рекордните цени на гасот, бидејќи Русија го намали снабдувањето со Европа. Министрите за енергетика од земјите од Европската унија ќе се сретнат на 9 септември за да разговараат за тоа како да се олесни товарот од високите цени на енергијата за компаниите и домаќинствата.

„Ова се тешки времиња. Но, јас сум убеден дека Европејците имаат економска сила, политичка волја и единство да ја задржат својата предност. Тие (Русија) не уценуваат. Најдоброто нешто е да се заштитиме и зајакнеме“, изјави претседателката на Европска комисија.