Трас ја прифати поканата да ја посети Украина

Новата британска премиерка Лиз Трас

Новата британска премиерка Лиз Трас ја прифати поканата да ја посети Украина и ја повтори „цврстата поддршка на Велика Британија за слободата и демократијата на Украина“ во време на нејзината војна со Русија.

Трас разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во еден од нејзините први разговори со странски лидер откако стана премиер. Премиерката рече дека со нетрпение очекува да работи со Зеленски и дека е среќна што ја прифатила поканата наскоро да ја посети Украина, соопшти нејзиниот кабинет.

Зеленски на Твитер рече дека се „координирал“ со Трас за да изврши „дополнителен притисок“ врз Русија. Тој, исто така, се заблагодари на британската јавност за одбранбената и економската помош, велејќи дека „важно е Британија да биде подготвена дополнително да ја зајакне истата“.

Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, разговараше со Трас по телефон. Нејзиниот кабинет соопшти дека со нетрпение очекува да работи со Бајден „за да се справи со заедничките предизвици, особено со екстремните економски проблеми предизвикани од војната на Путин“.