Македонија ќе добие нови 100 милиони евра од Европската инвестициска банка за зелена транзиција на компаниите

Европската инвестициска банка

Европската инвестициска банка, како што соопшти Министерството за финансии е една од најголемите финансиери на зелена економија во светот, а во моментов нејзината поддршка во проекти на јавниот сектор во нашата држава изнесува 246,9 милиони евра.

Новите 100 милиони евра за малите и средни компании, како што беше истакнато, се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.

На состанокот помеѓу министерот Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел било разговарано за важноста на тековните и идните проекти финансирани од ЕИБ, како што се пречистителната станица Скопје, третата фаза од железницата од Коридорот 8 кон Бугарија, како и за железничката делница од Коридорот 8, од Кичево кон Струга, за што банката изрази интерес да биде водечка финансиска институција за подготовката на овој проект.

„Потребно е забрзување на реализацијата на предвидените проекти за кои се обезбедени финансиските средства“, истакна Бесими и додаде дека треба да се креираат политики што ќе овозможат нашата економија да стане одржлива, модерна и посилна од претходно.

Европски пари за иновативни општини

Директорот на ЕИБ во РС Македонија, Бјорн Габриел посочи дека банката е спремна во наредниот период да ја разгледа можноста за директна поддршка на компаниите од приватниот сектор.

Вкупно од 1991 година досега ЕИБ ја има поддржано нашата економија со над една милијарда евра инвестиции во клучни инфраструктурни проекти, како и за поддршка на мали и средни компании.