Предупредување за нови поплави во Пакистан, загинати 1300 лица

Поплавите во Пакистан

Пакистан предупредува дека нови поплави би можеле да ја погодат областа околу јужното езеро Манчар, чие ниво продолжува да расте од монсунските дождови што ја зафатија земјата од јуни. Властите соопштија денеска дека бројот на жртвите од поплавите надмина 1.300 лица.

Синоптичарите предвидуваат нови врнежи во наредните денови во областа на езерото Манчар и ги повикаа жителите на два окрузи во провинцијата Синд да се евакуираат.

Езерото Манчар е најголемото природно слатководно езеро во Пакистан и меѓу најголемите во Азија. Немилосрдните монсунски дождови и топењето на глечерите во северните планини донесоа поплави кои погодија 33 милиони луѓе.

„Степенот на уништувањето е огромен и бара огромен хуманитарен одговор“, рече вчера министерот за планирање Ахсан Икбал.

Претходно овој месец, Пакистан и Обединетите нации упатија заеднички апел за 160 милиони американски долари вонредно финансирање за помош на жртвите од поплавите.

Пакистанските власти соопштија дека ќе бидат потребни најмалку 10 милијарди долари и многу години за земјата да се опорави од катастрофата.