Екс претседателка на Киргистан специјален претставник на ОН за Авганистан

Роза Отунбаева

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ја именуваше поранешната претседателка на Киргистан, Роза Отунбаева за нов специјален претставник на ОН за Авганистан. Отунбаева која има 72 години ќе ја замени Дебора Лајонс, која поднесе оставка во средината на јуни, се вели во соопштението на Обединетите нации.

Отунбаева стана привремен претседател на Киргистан во април 2010 година, откако крвавиот бунт го принуди тогашниот претседател Курманбек Бакиев на егзил. Таа се откажа од претседателската функција следната година откако беа организирани нови избори.

Отунбаева служеше и како министер за надворешни работи на Киргистан и имаше неколку високи дипломатски позиции како амбасадор на нејзината земја во Соединетите држави, Канада и Велика Британија.

Во моментов, таа е член на Советодавниот одбор за медијација на високо ниво на генералниот секретар на ОН и раководител на Фондацијата за иницијатива Роза Отунбаева во Киргистан.